
Диви приклучоци и зголемена потрошувачка на вода се проблемите со кои јавните претпријатија во истокот се соочуваат секоја година. Во Штип филтер станицата испорачува за 20% повеќе вода во однос на претходните месеци, што како количество годинава не е проблем, бидејќи Штип се снабдува и од ХС Злетовица, и од бунарите.
„Потрошувачката по пракса е зголемена во летниот период, односно луѓето ја користат водата повеќе, што за наводнување, што за други потреби. Имаме зголем излез од филтер станицата за 20% отприлика во однос на изминатите месеци каде што не се користела толкава количина вода“, вели директорот, Трајче Здравков.
Во општина Карбинци, пак, само во изминатава недела забележано е дури 50% повеќе потрошувачка на вода и тоа во речиси сите населени места.
„Во изминатиот период со зголемувањето на температурите, поточно минатата недела е забележано зголемување на потрошувачката на вода и тоа 50% од постојаното потрошување на водата“, вели директорката, Елена Коцева.
Потрошувачката на вода дополнително се зголемува поради дивите приклучоци со кои водата не се наплаќа, па претпријатијата имаат значителна загуба. Инспекторите деновиве ја спроведуваат акција за откривање на истите и во двете општини, па преку меѓуопштинската соработка соодветно се изрекуваат и санкции.
„Што се однесува до кражбите на вода, имаме екипи коишто континуирано одат на терен и секојдневно откриваат диви приклучоци. Јас напоменав дека дивите приклучоци причинуваат штета на ЈП и е кривична одговорност за сопственикот на домаќинството или правниот субјект, кај кој што ќе биде пронајдена дива чешма. Ние сме обврзани да го пријавиме тоа во институциите за да може да бидат преземени одредени санкции“, додаде Здравков.
„Во изминатиов период веќе се врши акцијата за откривање на диви приклучоци коишто ја отежнуваат потрошувачката, односно поради тие приклучоци, потрошувачка е зголемена, а не може да ја наплатиме водата, односно сме во загуба за потрошената вода“, додава Коцева.
Општина Штип поради старата дотраена водоводна мрежа често доаѓа до дефекти во изминатиов месец, а и во Карбинци повремено доаѓа до прекин на водоснабдувањето поради зголемената потрошувачка.
„Се случува да има недостиг на вода, односно водоснабдувањето да биде со кратко прекин. Меѓутоа, по полнењето на резервоарите, повторно се стабилизира. Немаме дефекти, немаме проблеми со водоснабдувањето“, заклучува Коцева.
Минатата година во летниот период Штип го надмина максимумот за користење вода, а зголемена потрошувачка имаше и во Кочани и Берово, поради што се испраќаа апели за рационално користење на водата.
Ребека Спасова М-Нет