
Што ќе се случува со Вардар во следниот период и оваа пролет е прашање на кое одговор би требало да се добие во следните денови.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб втора сезона по ред е во Втора лига, во моментот презимува на второто место и со тоа би можел да се врати во фудбалската елита на Македонија. Но, според информациите во одредени медиуми како и според информациите кои кружат во фудбалските кругови, играчите бараат исплата на долговите кои се насобрани со месеци, а веќе дел од играчите размислуваат да си заминат.
Вардар остана и без еден од најдобрите фудбалери, Симеон Христов замина во директниот конкурент Гостивар, а до овој момент Вардар официјално нема промовирано ниту едно засилување за пролетната полусезона.
Гостивар и Воска Спорт веќе имаат ангажирано по неколку квалитетни засилувања со прволигашко искуство, па Вардар ќе има сериозни проблеми во пролетната полусезона, бидејќи трите екипи бодовно се блиску една во однос на друга.
Неизвесноста во Вардар е голема, во моментот нема официјален датум за старт на подготовките, ниту пак каде истите ќе биде реализирани.
Најдобро решение за Вардар во моментот би било враќање на долгот кон играчите, потоа да се започнат подготовките и неколку засилувања. Но, доколку долгот со играчите не се реши, тогаш големи се шансите поголем дел од играчите да си заминат, со што Вардар би играл со млади играчи, па во таков случај шансите за да се врати во Прва лига ќе бидат сведени на минимум.
Вардар презимува на второто место со 36 бодови има еден бод помалку од лидерот Гостивар и два повеќе од третопласираната Воска.