
Ланското чувар-куќа велигденско јајце, кое стоело цела година во домот, по празникот повторно станува топ-тема меѓу граѓаните. Според народните верувања, тоа јајце ја чувало куќата од лошо и несреќа. Откако ќе помине Велигден, дел граѓани го фрлаат во река за да го „однесе“ негативното, други пак го закопуваат на нива или во бавча, верувајќи дека, истот ќе донесе бериќет и плодна година. И едните и другите се категорични дека традицијата треба да се негува, празниците да се почитуваат достоинствено, а во домот да се внесува добра и чиста мисла, да се создава убава енергија и атмосфера, и денот да започнува со тивка молитва.
И според етнолозите, чувар-куќа велигденското јајце има голема симболика во народната традиција. Закопувањето на јајцето во земја, имало голема симболика во зачувувањето на посевите од невреме. Оние што го фрлале во река, имале па друга претстава, дека се што е нечисто и лошо ќе го однесе реката. За чуваркуќата се верува дека ги штити домашните од болести, зло и сè што е штетно – тоа е јајцето што се чува до следната година.
На денот кога се вапсаат јајцата за Велигден, посебно внимание му се посветува на првото јајце, кое секогаш е црвено и се нарекува чуваркуќа.
За чуваркуќата се смета дека ги штити домашните од болести, зло и сè штетно, и се чува до следната година. Но, многумина не знаат што да направат со старата чуваркуќа од претходната година кога подготвуваат нова велигденска трпеза.
Фрлањето во ѓубре не е опција, ниту пак нејзино чување повеќе години, според обичаите.
Иван Митев, М-Нет