
Штип УГД од утре ја стартува својата мисија за одбрана на Куп титулата, а потоа да се фокусира да ја донесе и шампионската титула во градот под Исарот.
Утре во СЦ „Јане Сандански“ одбојкарите го играат полуфиналниот меч против Струмица – тоа ќе биде реприза на ланското финале. Штипјани влегуваат како големи фаворити, но без потценување на младиот тим кој го има Струмица, а кој сака да се докажува против поискусните.
Одбојкарите на Штип УГД ја бараат поддршка од трибините во СЦ „Јане Сандански“, а влезот во салата е слободен.
Натпреварот меѓу Штип УГД и Струмица стартува во 17:30 часот, а доколку штипјани триумфираат, тогаш во финалето ќе играат против подобриот од дуелот меѓу Борец и Работнички.
Финалето се игра исто така во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а закажано за сабота од 19:30 часот.
Веќе е започната ерата на доминација на штипјани во македонската одбојка. Клубот оди по „хет-трик“ во Купот на Македонија и да ја донесе Куп титулата по третпат во Штип, а од друга страна шансите се големи штипјани да ги обединат двете титули и за првпат во градот под Исарот да пристигне и шампионската титула. Со вакви резултати дефинитивно одбојката станува спорт број еден во Штип.
Александар Ванев, М-Нет