
Одбојкарите на ОК Штип УГД со импресивна и сигурна игра ја започнаа финалната серија за шампионската титула, совладувајќи го ОК Борец Велес со убедливи 3:0 (25:15, 25:22, 25:17).
Штипскиот состав уште од самиот старт наметна висок ритам и целосна контрола врз натпреварот, не оставајќи многу простор за изненадување. Единствено во вториот сет гостите од Велес успеаја да внесат мала неизвесност, но и таму домашниот тим покажа квалитет и зрелост во клучните моменти.
Во победничкиот табор најрасположен беше Задмард со 15 поени, додека значаен придонес даде и Илиев со 13 поени. На спротивната страна, кај велешани се истакна Оливера со 14 поени, додека Бастос додаде девет.
Со оваа победа, ОК Штип УГД направи важен прв чекор кон шампионската титула, а серијата продолжува веќе в понеделник во Велес, каде ОК Борец Велес ќе се обиде да возврати и да ја израмни битката за трофејот.