
Штип ќе биде домаќин на завршниот турнир во одбојка во машка и женска конкуренција кој ќе се одржи од 21 март (четврток) до 24 март (недела) во Спортската сала „Јордан Мијалков“.
Во тек се веќе финалните подготовки за одржување на завршниот турнир истакна тренерот на УГД Штип, Кристијан Ристевски во изјава за телевизија М Нет.
Струмица 47&72 и Работнички Скопје ќе ги бранат трофеите во Купот на Македонија. Во машка конкуренција ќе се соочат домаќиот Штип УГД, Работнички 71&22, Лирија и ланскиот освојувач Струмица 47&72.
Кај жените ќе се натпреваруваат бранителот Работнички Скопје, Струмица Жени, Наковски Волеј и Јанта Волеј.
Во четврток ќе се играат натпреварите кај мажите. Со почеток од 17 часот Работнички 71&22 ќе игра со домаќинот Штип УГД, а пак во 20 часот Лирија против бранителот Струмица 47&72.
Жените играат во петок, а во првиот меч од 17 часот Струмица Жени ќе се соочи со бранителот Работнички Скопје, а пак во 20 часот Наквоски Волеј ќе игра со Јанта Волеј.
Во самата сала во тек се финалните подготовки со цел истата да може да ги исполни бараните условите како би можеле да се одиграат овие натпревари од завршниот турнир. Влезот во Спортската сала „Јордан Мијалков“ ќе биде слободен за сите љубители на одбојката.
Финалните натпревари ќе се одиграат во недела. Во 12 часот ќе се одигра финалето во женска конкуренција, а пак во 15 часот ќе се одигра финалето во машка конкуренција.
Александар Ванев, М-Нет