
Штипјанката Андреа Нисева од БК Олимпија прва на Државното првенство во Бугарија во У-15. Во Бургас прогласена е за најдобар борач на шампионатот, а во нејзината категорија се покажа како најдобра меѓу осумнаесетте натпреварувачки.
„На овој натпревар имав четири борби, се борев во категорија од 54 килограми. Првите две борби ги победив со технички туш, третата полуфинална борба помина со тесен резултат 4:1 и во последната борба победив со технички туш и освоив прво место. Исто така, освоив и награда за најдобар борач на турнирот. Ова не беше тежок предизвик, но треба желба и напор, бидејќи мало опуштање може да доведе и до голем пораз“, вели Нисева.
Со оваа победа Нисева обезбеди учество на Балканското првенство, кое ќе се одржи од 4 до 6 мај во Серес, Грција, како и на Европското првенство, кое ќе се одржи во Будимпешта, Унгарија. Нисева цели кон титулата двократен балкански првак, бидејќи минатата година успеа да се докаже како најдобра на Балканското првенство.
„Со ова победа си одвоив многу место, само треба да ја искористам шансата. Сега ми следуваат Европското првенство во јули и Балканското првенство во мај. Подготовките се во тек, напорно е, но се надевам дека на крајот ќе се исплати“, додава Нисева.
За жал, Андреа во Бугарија настапува за БК Асеновград, поради недоразбирањата на БК Олимпија со Боречката федерација. Од Клубот велат дека реакции за ова досега нема ниту од Агенцијата за млади и спорт, ниту од највисокото раководство на државата.
Ребека Спасова М-Нет