Штипјани остануваат дома за продолжениот викенд, мал интерес за патувања

Штипјани ќе останат дома овој продолжен викенд, тие велат трите неработни дена ќе ги поминат во кругот на семејството, ќе чуваат внуци, ќе си играат со нив, ќе се соберат и дружат со најблиските пријатели, каде ќе се опуштат и одморат и ќе уживаат во слободното време во домашниот двор. А, некои се уште се без конкретен план на кој начин ќе го исполнат времето до вторник.

Мал дел од анкетираните граѓани претстојните три дена ќе ги поминат надвор од Штип. Некои ќе отпатуваат во блиските соседни држави, додека други ќе заминат во родните места за да ги посетат семејствата.

Утре се празнува 11 Октомври – Денот на народното востание на Македонија, а ова е првиот продолжен викенд во октомври. За две недели, граѓаните ќе имаат уште еден продолжен викенд. Дотогаш ќе имаат време да ги испланираат следните патувања и да организираат како ќе ги искористат слободните денови.

Ева Тушевска, М-Нет