Колку често луѓето бараат стручна помош за своето ментално здравје, стравот од осуда и стигмата и натаму присутни

Колку често луѓето се одлучуваат да посетат психолог кога се соочуваат со емоционални тешкотии и имаат потреба од разговор со стручно лице? По повод Светскиот ден на менталното здравје, разговаравме со психологот Катерина Дојчинова. Стравот од осуда и чувството на слабост сè уште се пречки при барањето стручна помош.

,,Можам да кажам дека сѐ уште си го имаме тој менталитет дека одењето на психолог се доживува како слабост, стравот од осуда, стравот од стигма си го прави своето, да особено младите. Преку подигнување на социјалната свест мислам дека сме на добар пат да ја разбиеме таа стигматизација“, истакнува Дојчинова

Дојчинова советува дека редовниот сон, кратките прошетки и физичката активност можат многу да помогнат во надминувањето на кризните периоди во одредени фази од животот.

,,Еве, вака конкретно да поврземе со денешната тема, околу промената на сезоната. Јас како психолог како би помогнала ако некој ми побара помош. Еве би советувала редовен сон, би советувала одржување на некоја секојдневна рутина, физичка активност, макар и времето да е поладно, кратко прошетка може многу позитивно да влијае, социјалните контакти да се одржуваат редовно, зашто таа социјална ни е можам да кажам и најголемата поддршка низ сите периоди потешки кои ги поминуваме во текот на животот“, советува Дојчинова

Инаку, Светскиот ден на менталното здравје се одбележува секоја година на 10 октомври, со цел да се подигне свеста за важноста на менталното здравје, да се поттикне отворен разговор за психолошките предизвици и да се намали стигмата поврзана со барањето стручна помош.

Ева Тушевска, М-Нет