
И по неколку дена од одмрзнувањето на цените на основните производи за живот и ограничувањето на маржите, но и најавите на министерот за економија Бектеши дека трговиците нема да ги зголемат цените, реалноста покажува нешто друго. Граѓаните постојано со став дека сѐ е со покачена цена, додавајќи дека зејтин и брашно тешко може да се најде на рафтовите во продавниците. Според штипјани, државата мора да најде начин за овој товар да се тргне од грбот на граѓаните, истовремено бараат и покачување на примањата.
„Ден за ден е сѐ поскапо, а во дуќанот пред некој ден немаше зејтин, брашно речиси никогаш нема. Не само тоа, треба и најниските пензии да се покачат. Нам коишто земаме ниски пензии ни се покачуваат за 100 – 200 денари, кај оние кои земаат повисоки се покачуваат и до 1500 – 2000 денари, што не е во ред.“
„Секако дека очекуваме мерка и власта треба да одговори на задачите кои сме им ги дале како гласачи. Овој филм со инфлации ние го гледавме, не нѐ изненадува ништо. Пензиите треба да ги зголемуваат согласно со стариот закон кој беше 50% од поскапувањето на животните трошоци и 50% од зголемувањето на платите и другите примања во секторите. И драстично намалување на администрацијата.“
Да се најде балас меѓу потребите на населението и потребите на државата е речиси невозможно, односно идеално решение нема, смета економистот Глигор Ивановски. Како што истакна тој, во цената на енергенсите е содржана и акцизата како изворен приход на државата, но за да се намали ударот врз граѓаните државата треба да донесе одлука дали има простор за намалување на акцизата.
„Доколку растат цените, ќе доаѓа до осиромашување на населението и најголемиот товар ќе го носат посиромашните слоеви, бидејќи гледаме дека најмногу растат цените на артиклите кои се за секојдневна употреба. Тоа се цените на храната, трошоците за превоз, облека итн. Од друга страна, доколку државата сака да ги држи овие цени на одредено ниво, ќе мора да се откаже од својот дел од колачот. Знаеме дека во овие стратешки производи, како што се горивата, постои една категорија на данок којашто ние ја викаме акциза и којашто не е во висина на данокот на додадена вредност (ДДВ), 18% или 15%, таа е многу повеќе“, вели Ивановски.
Во меѓувреме, во тек е подготовката на нов пакет мерки од Владата за надминување на состојбата со економијата, со цел спречување на поголем ценовен шок за граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет