Штипјани во декември ќе можат да го креираат Буџетот за 2024 на средби во Општината

Штип следниот месец ќе го креира Буџетот за следната 2024 година. Неколку од Општините во Истокот веќе започнаа со реализација на форумски средби на кои граѓаните предлагаат проекти и идеи, изложуваат проблеми и посочуваат на нивни решенија. Штип тоа ќе почне да го прави следниот месец, вели градоначалникот Иван Јорданов, кој потенцира дека активностите за следната година ќе се одредат токму врз основа на потребите на жителите.

„Месец декември е месец резервиран за средба со урбаните заедници и креирање на Буџетот за 2024 година. Очекувам она коешто е приоритет на граѓаните да биде нотирано преку овие средби, и минатата година имавме такви средби со коишто го креиравме Буџетот којшто денес го реализираме, а, еве, во наредниот месец очекувам граѓаните своите предлози и идеи, коишто се суштински за развој на градот, но и за решавање на одредени проблеми и потреби да ги проследат до нас како информација. Благовремено ќе бидете информирани за сите средби коишто ги организираме. Средбите ќе бидат организирани во секоја Урбана заедница или во Општина Штип“, вели Јорданов.

На прашањето: Дали е задоволен од реализацијата на Буџетот за 2023 година, Јорданов вели дека секогаш може подобро. Меѓутоа вели дека годината била полна со активности, кои се реализирале и покрај опструкциите од централната власт. Додава дека таква и уште подобра треба да биде и 2024 година.

„Годината којашто следи очекувам да биде развојна година со многу реализирани капитални инвестиции. Компаративно со оваа година којашто изминува, сметам дека ќе имаме развојна компонента, повеќе инвестиции, тоа е нашата тенденција – секоја година којашто следува да биде подобра и со поголем Буџет од годината којашто изминала. Ако ме прашувате дали сум задоволен од она коешто граѓаните го видоа и сѐ уште го гледаат во оваа година, секогаш може подобро. Сепак, имајќи предвид дека имаме опструкции на дневно ниво, средствата коишто се предвидени, а не се реализираат, сигурно дека доколку овие активности беа поинакви, развојот на Штип, ќе беше поголем“, додаде Јорданов.

Вкупниот буџет за 2023 година споредбено со 2022 беше зголемен за 4,2% и изнесуваше нешто повеќе од една милијарда денари. Според истиот, Општината требаше најмногу средства да потроши за капитални инвестиции, и тоа 37%.

Ребека Спасова М-Нет