
Тениски лакт е името на синдромот чија застапеност во Македонија, според статистиката, со почетокот на грејната сезона е зголемено за една третина. Причината за ваквиот тренд е во тоа што најчеста причина за настанување на оваа повреда е цепењето дрва, вели Мартин Каровски, директор на Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип.
„Латералниот епикондилит исто така познат како тениски лакт е најчестиот синдром на прекумерно користење на зглобот во лактот. Тоа претставува тендинопатија која ги вклучува екстензорните мускули на подлактицата, односно мускулите коишто го прават движењето нанадвор. Иако е наречен тениски лакт, бидејќи синдромот е вообичаен кај тенисери, сепак само 5% од заболените се играчи на тенис. Во нашите краишта оваа повреда најчесто се добива при разни секојдневни активности, како што се обелување, чистење прозори, а периодов најчест е кај луѓето кои цепеле дрва“, вели Каровски.
Најчестиот симптом е ненадејната болка во лактот, а чести се и ограничувањата во движењето.
„Најчестиот симптом при оваа состојба е болката која се појавува при палпација, односно при допир на местото каде што се екстензорните мускули на латералниот епикондил, односно на надворешната страна на лактот. Болката може да оди кон надлактицата, надолу по внатрешната страна на подлактицата и во ретки случаи дури и до третиот или четвртиот прст на дланката“, посочува Каровски.
Латералниот епикондилит се лекува со физикална терапија.
„Физикалната медицина при оваа состојба опфаќа најпрво едукација на пациентот за правилни движења во зглобот и избегнување движења кои ја провоцираат болката“, додава Каровски.
Синдромот на латерален епикондилит во Македонија е позастапен во внатрешноста на државата, каде затоплувањето на дрва е позастапено. Нетретирањето на оваа состојба може да ги пролонгира симптомите за дури една година. При правилна дијагностика и соодветен физикален третман, латералниот епикондилит се лекува за неколку недели кај дури 87% од пациентите.
Ребека Спасова