
Штипјанецот Матеј Марков, член на качувачкиот клуб Астибо и репрезентативец во спортско качување на вештачки карпи стана Балкански шампион, на Балканското првенство кое се одржа во Мостар, Босна и Херцеговина.
Марков вели дека конкуренцијата била солидна, а подготовки кои претходно течеа со неговиот тренер Јован Иванов се потврдија со првото место.
„Самата конкуренција беше солидна на натпреварот како во однос на стазите, не беа на светско и европско ниво, но сепак имаа своја тежина, но и според подготовките кои ги имавме во текот на целата година кои се покажаа солидни со тоа што јас го освои првото место на Балканското првенство“, вели Марков.
Младиот спортист кој минатата година беше на Светско првенство во спортско качување на вештачки карпи во Сеул, Јужна Кореја вели дека целиот вложен труд само се надополнува со многу работа и дисциплина.
„Оваа година јас немав многу натпревари, имав само еден натпревар на Европското првенство во Барселона, додека пак претходната година учествував на многу повеќе натпревари и целиот тој вложен труд може да се надоградува и да се достигнува се повеќе и повеќе со тоа што освои прво место на Балканското првенство“, дополнува Марков.
Матеј на свои десет години започнува со овој спорт, кој пред камерата на телевизија М Нет вели дека не е воопшто опасен спорт.
„Не, овој спорт воопшто не е опасен се преземаат многу безбедносни мерки, затоа опасноста не е во никакво прашање. Јас активно тренирам осум години, почнувајќи од десет години“, вели Матеј Марков.
2026 година на спортски план за Марков е завршена, но пред себе има поставено многу цели кои сака да ги исполни во 2027 година.
„Следната година нема да има Европско првенство, но ќе има Светско првенство се надеваме дека јас таму ќе земам учество, исто така ќе има и младински светски првенства, се надевам дека и таму ќе учествувам, како и континуираните светски купови кои што се и во следната година“, заклучи Марков.
Спортско качување е спорт кој што е поделен на природни и вештачки карпи, додека пак натпреварите на вештачките карпи се поделени на тежински натпревари, брзински натпревари и болдер натпревари.
Александар Ванев, М-Нет