
Македонскиот интернационалец Иван Николов е ново засилување на Радник Бјелина, со што ја продолжува својата фудбалска кариера во Првата лига на Босна и Херцеговина. Клубот од Бјелина официјално го потврди трансферот и му посака добредојде на 23-годишниот играч од средниот ред.
Николов е роден 2002 година во Штип, а се истакнува како централен врзан играч, позиција на која се очекува да донесе стабилност, контрола на играта и креативност во средниот ред на Радник. Во новата средина тој ќе настапува со дресот со број 80.
Во досегашната кариера, Николов настапуваше за повеќе македонски клубови, меѓу кои Брегалница, Вардар и Брера, по што следуваше интернационален исчекор и ангажман во Данска. Таму ги носеше дресовите на Вендисисел и Сондрјиске, од каде што и директно пристигнува во редовите на Радник Бјелина.
Покрај клупското искуство, Николов има и богата репрезентативна биографија. Тој ги има минато сите младински селекции на македонската репрезентација, а особено се издвојуваат 22 настапи за селекцијата до 21 година, како и настап за А репрезентацијата на Македонија, што дополнително ја потврдува неговата вредност и потенцијал.
Од таборот на Радник очекуваат дека ангажманот на Николов ќе биде значајно засилување во продолжението од сезоната, додека за самиот фудбалер ова претставува нова можност за докажување и континуитет на меѓународната сцена.