
Штипјанецот Анџело Николовски е пред трансфер во Македонија ЃП, есенскиот шампион во Втората македонска фудбалска лига.
Во следните денови Николовски треба да биде и официјално промовиран како нов играч на Македонија ЃП, а меѓу „лавовите“ ќе пристигне од редовите на Детонит Плачковица од Радовиш.
Николовски, кој има 23 години, во својата кариера има настапувано за штипска Брегалница од каде и потекнува, за Гостивар и Кит Го од Пехчево.
Во радовишкиот тим пристигна во август 2023 година и беше еден од носителите на играта, а тоа го стави на радарот кај Македонија ЃП, која во пролетниот дел сака да го потврди првото место и со тоа да се врати експресно во фудбалската елита.
Македонија ЃП е на врвот на табелата во Втората лига, на своето конто има 38 бодови или пет повеќе од Брегалница која е втора, а пролетниот дел „лавовите“ го отвараат против Охрид на „Билјанини Извори“.
Александар Ванев, М-Нет