Штипски Астибо испиша историја – ќе игра плеј-оф каде ќе се води борба за титула и Европа!

Ракометарките на Астибо вчера во Штип го одиграа важниот и клучен меч против Ѓорче Петров 2 кој за нив беше натпревар да се биде или не, а откако истиот го добија со 31:27 испишаа историја пласирајќи се во плеј-оф завршицата, сегмент каде се разигрува за титула и за место во Европа, за што вчера извести М Нет телевизија.

Во тој плеј-оф сегмент заедно со Астибо патуваат и екипите на Чаир, Металург Автокоманда, Куманово, Ѓорче Петров и Вардар. Овие шест екипи ќе разгируваат за титула и местата во Европа, а сите останати екипи ќе бидат дел од плеј-аут сегментот.

Астибо регуларниот дел од сезоната го заврши на второто место со 10 бодови и учинок од пет победи и два порази, при што само на последниот натпревар против Ѓорче Петров 2 штипјанката Марија Анчева постигна 22 гола.

Првичната цел на Астибо е остварена, а тоа е место во плеј-офот, а сега ќе напаѓа и за место во Европа.

Александар Ванев, М-Нет