Штипските пожарникари во постојана борба со времето – да изгаснат пожар и да спасат живот

Со официјалниот почеток на летото, а со тоа и повисоките температури, и оваа година, како и претходните се очекуваат пожари на повеќе локации. Посебно од запалени стрништа бидејќи земјоделците веќе започаа со жетвените активности по житните полиња.

Командирот на штипската Територијална противпожарна единица (ТППЕ), Тони Атанасов, рече дека веќе имале два до три случаи на запалена трева, каде со брза реакција на пожарникарите успеале на време да ги изгаснат и локализираат.

Нормално, во наредниот период очекуваме дека ќе дојде до интезивирање на овие појави. Ние како професионална единица сме спремни секогаш да дејствуваме, возилата ни се во добра техничка оперативна подготвеност и со луѓе сме потполнети 99 отсто, така да спремни можеме да го дочекаме овој период – истакна Атанасов.

ТППЕ Штип располага со пет противпожарни возила и еден теренски џип кој најчесто го користат за пожари на поле. Единствен проблем на 33-та пожарникари е што мора да работат со застарена опрема, но сепак, според Атанасов со брза мобилизација одговорат на секој повик за пожар.

Еве сега добивме една работна униформа којашто можеме да ја користиме во случај на пожари. Се навестува од страна на градоначалникот дека ќе има одредена донација на современо противпожарно возило и се надеваме дека во брз период тоа ќе дојде и со тоа возило ќе бидеме стварно добро подготвени за сите наши активности – рече Атанасов.

Подготвеноста на пожарникарите, нивниот командир Атанасов ја дообјасни со тоа дека бидејќи се постојано опремени, по одредена информација за пожар, за неполна минута можат да ја напуштат единицата и да се упатат кон местото на пожарот.

Времето на пристигнување зависи од тоа колкава е оддалеченоста на локацијата.

Ние сме во постојана борба со времето, доколку побрзо пристигнеме на местото на пожарот, тоа значи дека полесно и со помалку штета ќе успееме да го изгаснеме, додаде командирот Атанасов.

Нивната професионалност се докажува и со тоа што се дел и од републичките сили за заштита од пожари и во зависност од потребите, ангажирани се секаде каде што има потреба. Исто така, ангажирани се да помагаат и во соседни земји, рече Атанасов.

-Ние учествуваме со наши екипи, било во поплави, било во пожари. Последниот случај беше земјотресот во Албанија. Значи, секогаш сме на расплагање. Знаете, стереотипното гледање дека пожарникарите или единицата дејствува само во услови на пожари е веќе завршено. Оваа единица во Општина Штип, заедно со Општина Карбинци е единствена постојана сила за вакви случаеви. Ние дејствуваме не само при пожари, не само при поплави, не знам, спасување на миленичиња, сообраќајни несреќи – потенцираше Атанасов.

Сите ангажирања на вработените во ТППЕ Штип се знак дека станува збор за единица која целосно го заштитува населението и имотот, и тоа не само во општините Штип и Карбинци, не само на републичко, туку и на меѓународно ниво.

Нивната храброст во борбата со огинот, треба повеќе да се цени и тоа да се докаже со обезбедување на она што најмногу им е потребно – соодветна и пред се` современа опрема, за нивна заштита.

За потоа тие, да не заштитуваат нас.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ