
Пензионерите од Штип пред просториите на Здружението со мирен протест потсетија на барањата кои ќе ги искажат и на генералниот протест во Скопје. Претседателката на Иницијативниот одбор, посочи дека петицијата со потписите на штипските пензионери е уредно доставена, а бил одржан и координативен состанок со сите претседатели на Иницијативните одбори. Таму се разговарало за следните чекори, но две точки останале непроменети.
„Остануваме на нашите две основни и почетни барања: линеарно зголемување од 3.500 денари, од што нема отстапка, и да се промени методологијата на пресметка на пензиите за сега и за нашите следни генерации. Тука не сме собрани од лудост, туку од гордост, да го зачуваме достоинството и единството, силата е во нашето единство“, вели Соња Арсовска, претседателка на Иницијативен одбор на пензионери.
Пензионерите повторно потсетија на покачувањето од 78% за функционерите, потенцирајќи дека и за нив мора да има финансиски средства, бидејќи тие бараат нешто минимално.
„По она што го кажува министерката Тренчевска дека никаде во регионот нема линарно покачување, тоа не било во историјата на пензиското, јас ќе ја прашам дали има некаде во регионот покачување на плата од 78%? Во ниту една држава со висок стандард го нема тоа“, додава Арсовска.
Претседателката ги повика штипските пензионери да присуствуваат на протестот во Скопје на 20 септември. Заинтересираните да се пријават во Здружението, со цел да се обезбеди превоз. Пензионерите кои денеска протестираа најавија дека до 20 септември ќе имаат мирни собири и протест, без да има, како што велат, нападни пароли и пораки. На собирите по повод Светскиот ден на пензионерите ќе ги потенцираат барањата.
Ребека Спасова М-Нет