
Денес се одиграа натпреварите од 4. коло од Втората македонска фудбалска лига, сега следува репрезентативна пауза, а второлигашките возбудувања на фудбалската сцена се враќаат на 16. септември.
Гледачите на телевизија М Нет имаа можност да проследат два преноси од Битола и Куманово.
Во Битола се соочија Пелистер и Детонит Плачковица во дербито на колото и дерби на тактички надмудрувања на двајцата штипски стратези Влатко Костов и Иван Варадиновски.
Во тврд и израмнет меч каде императивот на двете екипи беа трите бодови конечниот исход беше 0:0 и поделба на бодовите.
На СРЦ “Билјанини Извори” се соочија Охрид и Вардар во луд меч за прво сезонско славје на гостинот од Неготино со 2:3.
Охрид на полувреме имаше водство од 1:0 со голот на Петроски. Во вториот дел започна голеадата во 59. минута кога Неделков погоди за 1:1, а Најдов во 67. минута стрелаше за комплетен пресврт на 1:2.
Демири во 78. минута со гол од белата точка израмни на 2:2, а Мирко Симјановски во 99. минута погоди за ерупција на трибините и голема прослава за првата сезонска победа ма Вардар од 2:3 над Охрид и први сезонски бодови.
На стартот од вториот дел
Големиот фаворит за Прва лига екипата на Беса дома се намачи со Каменица Саса, потешко од очекуваното славеше со 2:1.
“Рударите” направија изненадување и во 27. минута први го отворија резултатот со голот на Кристијан Јордановски, а девет минути подоцна Фатмир Ариф израмни на 1:1 на полувреме.
Во вториот дел Белули постигна гол за пресвет и конечни 2:1 со што Беса ја продолжува победничката низа на четири од четири.
Арсими дома неочекувано загуби со 0:2 од Кожуф кој ја продолжува победничката низа за четири од четири и максимален ефект за 12 бодови на своето конто.
Кожуф на полувреме имаше предност од 0:1 со голот на Грегори Давков, кој постигна гол во 18. минута од мечот.
Вториот дел односно во 59. минута гостинот од Гевгелија ја дуплираше предноста на 0:2 со голот на Митков, а воедно тоа беше и конечен исход.
Скопје на “Железарница” беше сигурен против Караорман со 2:1.
“Пиратите” на полувреме имаа два гола предност (2:0). Хусеиноски беше стрелец на првиот гол, а за 2:0 на полувреме погоди капитенот Кировски.
Во 96. минута Климент Филев ги постави конечни 2:1.
Башкими по перфектниот старт денес загуби со високи 0:3 од Беласица на домашен терен.
На преполниот стадион на Башкими во Куманово, Беласица по пет минути игра погоди за 0:1 преку Коцев, предност која струмичани ја имаа и на полувреме.
Во судиското надополнување Стојков постигна два брзи гола за конечни 0:3, откако најпрво стрелаше во 94. минута, а потоа и во 96 за убедлива победа и прв пораз на Башкими.
Новаци стигна до својата втора победа откако во Тетово со 0:2 славеше над Тетекс во дуел кој беше од огромно значење и за двете екипи кои ќе сезонава ќе се борат за директен и сигурен опстанок.
Натпреварот беше решен во финишот, откако Мартин Богданоски со гол првенец погоди за 0:1, а Христијан Торнески во 91. минута стави печат на победа од 0:2.
Победа дојде до три бодови во дуелот со Осогово, откако дома со минимални 1:0 го доби противникот од Кочани, во меч каде дури тројца фудбалери на Победа добија црвени картони.
Стрелец на победничкиот гол за прилепчани беше Филип Стомнарски во 48. минута.
На табелата со максимални 12 бодови се Беса и Кожуф, а по 10 имаат Пелистер и Детонит Плачковица, а дното без бодови е Осогово.
