
Јавен превоз од септември ќе почне да функционира и на територија на општина Карбинци. Линијата која за почеток ќе вози до селото Радање, ќе биде организирана со меѓуопштинска соработка меѓу Штип и Карбинци. Целта е жителите од населените места на територија на Карбинци да се поврзат со централното градско подрачје во Штип, што според градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, е од особено значење за нив. Посочи дека дополнително на оваа линија ќе се додадат и други населени места.
„На следниот Совет којшто ќе се одржи во Општина Карбинци ќе биде донесена одлука за организација на меѓуопштински линиски превоз, којшто ќе биде помеѓу општина Карбинци и општина Штип. Она што првично ќе се обидеме да функционира заеднички помеѓу нашите две општини се релациите од централното градско подрачје до селото Радање во општина Карбинци и сите попратни села и населени места коишто ќе бидат опфатени во оваа линија. Ова ќе биде само почеток за да започнеме за организирање на ваков превоз, а потоа во план сме да се продолжи и во другите населени места како Аргулица, Козјак, Црвулево. Ќе се обидеме понатаму да го унапредиме овој проект кој е од суштинско значење, предност за жителите“, истакна Паунов.
За првичните цени за кои веќе има проценки, ќе се дискутира на седницата на Совет. Засега целиот износ ќе го плаќаат граѓаните преку билетите за патување, но дополнително Општина Карбинци размислува и да субвенционира дел од потребната сума.
„Но Општина Карбинци не ја исклучува можноста во иднина и да субвенционира одреден дел од овие средства коишто ќе бидат на товар на граѓаните, ние да се обидеме да излеземе понатаму со конкретна мерка, којашто ќе значи олеснување во однос на трошоците за овој превоз“, вели Паунов.
И во Штип на следната седница на општинскиот Совет се очекува да се добие согласност за потпишување спогодба помеѓу двете општини за вршење меѓуопштински линиски превоз. Во градот пристигнаа првите четири набавени автобуси, а за оваа намена се очекува да пристигнат уште два. Јавниот градски превоз треба да профункционира од први септември.
Ребека Спасова М-Нет