Штипскиот тренер Иван Варадиновски утре дебитира во Автокоманда, Скопје против Вардар во меч со хуманитарен карактер

Младиот стратег Иван Варадиновски од Штип, утре ќе го има своето деби на тренерското столче на прволигашот Скопје, на мечот од деветтото коло на Првата македонска фудбалска лига против шампионот Вардар.

Варадиновски доаѓа на местото на Муарем Муарем, а младиот стратег од Штип ќе треба да го извлече тимот од резултатска криза и да донесе стабилизација во борбата за опстанок на „пиратите“ во елитата.

Скопје по осум кола нема триумф, всушност тимот од Автокоманда е единствениот прволигаш без победа, има форма од три ремија и пет порази и се наоѓа на дното од табелата со три бодови.

Дебито на Варадиновски ќе биде тешко бидејќи неговиот тим ќе се соочи со шампионот Вардар.

Натпреварот во Автокоманда ќе има хуманитарен карактер, целиот приход од влезниците кои ќе се продаваат по цена од 100 денари ќе бидат наменети за лекување на Владо Рафаиловски, тоа ќе биде уште една причина да има голем број на публика на „Железарница“.

Скопје предводен од новиот тренер Иван Варадиновски ќе атакува на првиот сезонски триумф, а пак Вардар ќе бара петта сезонска победа во борбата да го стигне лидерот Шкендија од Тетово.

Александар Ванев, М-Нет