Штипскиот основен суд работи со половина капацитет, а најмногу решава работни спорови

Штипскиот основен суд работи со 13 судии од кои на едниот функцијата му е во мирување, делчевскиот со еден судија, а Судот во Берово е без избрани судии. Недостатокот од судии и судски службеници предизвикува силен притисок во судовите, а само најголемиот суд во Брегалничкиот Регион работи со половина капацитет. Сепак решени се голем број од примените предмети минатата година, вели претседателот на Основен суд – Штип, Ѓорѓи Андонов, кој посочува на бројка од над 23.000 решени предмети од околу 23.500 примени предмети.

„Согласно со предвидените 19 судски места, моментално се пополнети 13, со тоа што на еден судија функцијата му е во мирување, бидејќи истиот постапува како член на Судскиот совет. Слична е состојбата и со бројот на судските службеници, бидејќи согласно систематизацијата за работни места во Основен суд-Штип предвидени се 120 работни места, од коишто моментално се пополнети седумдесеттина работни места, со што може да се каже дека нашиот суд работи со половина капацитет. Имајќи го во предвид ова, како и големиот број на предмети, коишто во текот на годината се примаат, ги добиваме во нашиот суд можам навистина да кажам дека и судиите и судската служба дава огромни напори за совладување на овие пристигнати предмети и покрај тоа што работиме со намален број на судии и на судски службеници“, вели Андонов.

Најголем број од предметите се во делот на работните спорови. Андонов вели дека поголем број од овие предмети доаѓаат од институции на државно или локално ниво, а помал, но значителен број доаѓаат од приватниот сектор. Најчесто се бараат неисплатени надоместоци по разни основи, а во помал број се остварување и заштита на работничките права.

„Во нашиот суд поголем прилив на предмети имаме во областа на работните спорови. Забележително во последните години имаме бројка од над 1.000-1.500 предмети речиси секоја година и имаме зголемен број предмети во областа на прекршочната материја. Значи тоа се двете области во нашиот суд, каде што навистина се чувствува притисок од зголемен прилив од предмети и поради тоа ние имаме посебно внимание во овие области. Во областа на работните спорови работат и постапуваат тројца судии, додека во областа на прекршочни постапки работат двајца судии, со повремена помош и од останатите колеги во кривичниот оддел“, вели Андонов.

Андонов се надева дека проблемот со бројот на судски службеници и судии ќе се реши во догледно време и со тоа работата на Судот ќе биде далеку поефикасна и поуспешна, но неговите очекувања се дека тоа нема да се случи веднаш, туку за две до три години. Освен од вработени, Основниот суд во Штип има недостаток и од простории. Планот е освен сегашните три, да се приспособи четврта судница, која ќе биде ставена во функција наесен.

Ребека Спасова М-Нет