
„Иако денес е 31 март, ние се чувствуваме како да е 1 април.“ Со овие зборови денеска во Кочани беше отворена традиционалната првоаприлска манифестација „Априлијада“. Настанот се одржа пред платото на НУЦК „Бели мугри“, а во истиот учествуваа ученици од градинките и основните и средните училишта во Кочани. Поздравен говор имаше и градоначалникот, Љупчо Папазов, кој повика учениците образованието да го сфатат сериозно, но да ги задржат и насмевките на лицата.
„Честитки за дечињата, честитки за менторите, за воспитувачите, наставниците, професорите, за успешните маски и за успешното претставување на денешниот ден. Гледајќи ве весели и насмеани, сакам да ви ветам дека ќе работиме да ја задржиме таа насмевка на вашите лица и дека ќе сториме сè да го подобриме системот на образование и воспитување, но ќе ве повикам да не се шегувате со вашето образование и сериозно да ги сфатите вашите обврски, да бидете добри, послушни и успешни ученици и дечиња. Ви посакувам пријатни моменти на денешниот ден, уживајте, радувајте се, смејте се, имајте убав ден!“, истакна Папазов.
Целта на денешната манифестација беше да се донесе насмевка на лицата со реални шеги и ситуации од секојдневието, а ова се реализираше преку музички и танцов перформанс на децата.
Ваквата првоаприлска манифестација традиционално ја организира Одделението за јавни дејности во Општина Кочани со средства од Програмата за поддршка на образованието.
Ребека Спасова М-Нет