„Мини-апсолвенти“ со пригодна свеченост се разделија од градинката „Вера Циривири – Трена“

Малите „апсолвенти“ од детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип денеска беа дел од церемонијата на фрлање капи. За нив беше приредена пригодна прослава со која се разделија од нивната детска градинка, а добија диплома за завршено предучилишно воспитување и табло, кое оваа година се прави за првпат.

„Денес децата од големите групи од детската градинка „Вера Циривири – Трена“, односно нашите идни првачиња со пригодна програма, односно спремаме мини-разделба со градинката и дечињата, станува збор за дечињата од сите четири клона. Воедно, ја користам приликата да изразам едно големо благодарам до вработените и учениците од средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“, коишто несебично се вложија и донираа за децата денес да изгледаат вака. Наметките коишто ги имаат облечено дечињата се донација од нив. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи“, истакна директорката Ангеличкова.

Директорката Ангеличкова посочува дека во изминатава година вовеле неколку новитети, ја вратиле завршната приредба, се работело во дворовите како еден вид промена на сите воспитно-згрижувачки дејности. Следниот период со намален број деца во детските градинки ќе се искористи за украсување и уредување на дворовите во сите клонови на градинката.

„Бројот на децата летото најголем дел се намалува од големите групи, односно дечињата кои ќе одат прво одделение. Колку што се помали, толку бројот на децата е поголем кај нас, нели, нема кој да им ги чува дечињата. Бројката е намалена, но може да се отсутни еден месец, се враќаат другиот. Градинката, секако, ќе биде отворена цело лето“, додава Ангеличкова.

Ангеличкова се надева дека родителите и дечињата се задоволни од нивната работа и затоа ќе се потрудат да бидат уште попривлечни во септември за прием на нови дечиња.

Ребека Спасова М-Нет