Штипскиот градоначалник и директорите на училиштата не се согласуваат со новата концепција

Штипскиот градоначалник и директорите на основните училишта не се согласуваат со новата концепција за учениците од прво до шесто одделение, а известувањето од Бирото за развој на образованието за нив е од повеќе аспекти спорно. Концепцијата ќе доведе до фискална импликација и ќе изискува зголемување на финансиските средства, вели градоначалникот, истата крши закони, а една од одредбите е дека нема да се учи од учебници, туку оставено е наставниците сами да се снаоѓаат.

„Со ова Известување коешто стигна и ова Решение коешто е истакнато на веб-страната на Бирото за развој на обрасованието се случи на само неколку дена пред почетокот на учебната година. Училиштата доставуваат Годишна програма до Општината којашто се освојува до 31 август и којашто со новата концепција веќе е доведена во прашање, односно треба целосно да биде изместена. Тоа само по себе ќе создаде хаос во одвивањето на наставата и ова е спротивно на Законот за основно образование“, вели градоначалникот, Иван Јорданов.

Директорите на училиштата велат дека насоките од повеќе аспекти се косат со законите. Најавено било дека ќе има нов и модифициран електронски дневник кои ќе одговара на насоките, но и стариот кога работи, кога не работи.

„Според наставниот план, предвидено е изучување во шесто одделение на предметот Историја и општество. Меѓутоа, со насоките коишто се дадени од Бирото се предвидува запишување на оценки по три модули – Историја, Географија и Граѓанска култура. Сето ова се коси со самиот Закон, со оглед на тоа што наставниот план предвидува еден предмет и изведување на една оценка, додека според насоките дадени од страна на Бирото се предвидува запишување на три оценки коишто ќе одат во свидетелство. Едно со друго не одговара“, вели Митев.

Според новата концепција, наставниците кои имаат поголем и оние кои имаат помал фонд на часови ќе земаат иста плата, каде е овде мотивацијата и кој ќе биде начинот на распределба на часовите, прашува градоначалникот. Тие ќе бараат МОН да се произнесе и да даде образложение за ваквите нејасни насоки за настава за учебната 2023/2024 година.

Ребека Спасова М-Нет