
Штипскиот генијалец во областа на математиката, Дамјан Давков, на прием кај градоначалникот Иван Јорданов. Низа успеси на Давков на државни, балкански и меѓународни натпревари и олимпијади се добро познати меѓу штипјани, за кои тој е вистинска гордост. Од последниот, Интернационалната математичка олимпијада, Давков се врати со сребрен медал.
„На мое огромно задоволство денеска остваривме средба, направивме прием со нашиот штипски гениј, Дамјан Давков, којшто се врати со освоен сребрен медал од Интернационалната математичка олимпијада. Навистина, ова е резултат којшто нè радува како град, како држава. Дамјан Давков е нашиот дијамант којшто мораме да го чуваме, да го негуваме, верувајте дека секогаш кога ќе постигне резултати ни претставува задоволство, нè гордее како град и како држава“, вели Јорданов.
Ваквите успеси се од големо значење за градот под Исарот, што според Јорданов, Општината мора да го поддржи. Од оваа година според изготвен правилник ќе се стипендираат сите ученици кои учествувале на натпревари.

„Дамјан Давков е дете поради коешто одлучивме од оваа година да направиме Правилник со којшто ќе се стипендираат сите успеси на сите ученици – учесници на меѓународни и државни натпревари од основните и средните училишта, затоа што како локална самоуправа треба да ги поздравуваме сите постигнати резултати, не само во спортот, туку и во науката и културата“, додаде Јорданов.
Дамјан вешто ги прифаќа сите предизвици и успешно одговара на истите, а на повеќето натпревари се има натпреварувано со ученици од погорните одделенија во основното, како и со ученици од средното образование. Штипскиот Питагора продолжува да нижи математички успеси.
Ребека Спасова М-Нет