
Наташа Мусева ќе ја преземе функцијата в.д. директор на Детската градинка „Астибо“ во Штип. Наместо досегашната директорка Билјана Трајчевска, чиј мандат беше до 23 јули, од утре Мусева ќе раководи со оваа институција. Трајчевска ја вршеше функцијата директор од 23 јули 2018 до 23 јули 2022 година, а инаку е дипломиран професор воспитувач. Мусева, пак, како и сите досега поставени директори од новата локална власт ќе ја има времената титула в.д. директор, а на истата доаѓа како внатрешно решение, бидејќи претходно била воспитувачка во истата институција.

Ова е и последна промена во општинските образовни установи, бидејќи со истата сега сите основни, средни училишта и детски градинки имаат нови директори. Дел од претходните директори сами си поднесуваа оставки, на друг дел им истекуваше мандатот, единствено во штипската Гимназија директорот беше променет поради неправилности во работењето. Од таму започна и промената на директорите уште во декември минатата година, а последно средно училиште кое пред два месеца доби нов директор е медицинското училиште „Јане Сандански“. Првата промена во основните училишта, пак, започна од училиштето „Славејко Арсов“ во јануари, а заврши со училиштата „Ванчо Прќе“ и „Гоце Делчев“ пред еден месец. Двете детски градинки последни добија нови директори. Сите поставени директори се со времена функција вршител на должноста директор и сите на истата се поставени како внатрешни решенија.
Во однос на родовата распределба оваа функција ја вршат седум жени и четворица мажи. Со средните училишта раководат жени, во основните, пак, преовладуваат мажите наспроти само една жена. Во двете детски градинки на раководната функција се жени.
Сите промени се случија во првите осум месеца откако Штип доби нов градоначалник и нова локална власт.
Ребека Спасова М-Нет