Штипскиот бисер Лука Бојаџиев доби повик за младата репрезентација на Македонија до 20 години

Фудбалерот на Брегалница, Лука Бојаџиев, доби повик од селекторот на македонската репрезентација до 20 години, Александар Таневски, за претстојниот пријателски натпревар против селекцијата на САД.

Средбата ќе се одигра на 8 јуни 2026 година во Петрич, Бугарија, а Бојаџиев ќе има можност уште еднаш да ги покаже своите квалитети во дресот со државниот грб.

Од Брегалница со гордост ја примија веста за новиот репрезентативен повик, кој претставува признание за одличната работа на клубот со младите категории, но и за талентот, трудот и посветеноста на младиот штипјанец.

Повикот за националниот тим е уште една потврда дека Брегалница продолжува да создава фудбалери кои успешно го трасираат својот пат кон највисокото ниво на македонскиот фудбал.

На Лука Бојаџиев му претстои нов предизвик во репрезентативниот дрес, а од Штип му посакуваат успешно претставување на Македонија и нови успеси на меѓународната сцена.

Александар Ванев, М-Нет