Штипската НУ УБ „Гоце Делчев“ работи со скратено работно време

Појавата на пандемијата со коронавирусот во државата ги намали активностите на повеќе институции од областа на културата и образованието.

Една од тие институции е НУ УБ „Гоце Делчев“ во Штип, каде е значително намален обемот на работа.

Од директорот, Зоран Костовски, дознаваме дека откако одреден период воопшто не работеа со читатели, веќе има промени и дека работат со скратено работно време. Но, според точно одредени препораки од надлежното министерство.

Имаме препораки од Министерството за култура. Станува збор за 14 точки кои ги применуваме во услови на корона кризата. Немаме собирања, тоа е посебен акцент даден за функционирање на библиотеката. Имаме само работа со граѓаните во делот на земање книги и редуцирање на работно време од 7 до 15 часот – изјави Костовски.

Со оглед на тоа што наскоро започнува академската 2020/2021 година, а штипската библиотека е всушност универзитетска, дел од препораките на Министерството за култура се однесуваат и на студентите.

Мерките се како и во секоја институција, држење на растојание и дезинфекција. Тоа го применуваме и не верувам дека понатаму би имало собирање на студенти, односно седење во читална – истакна Костовски.

Освен со работа со читатели, вработените во НУ УБ „Гоце Делчев“, активно се вклучени во изработка на проекти, кои ќе бидат од големо значење како за библиотеката,  така и за  градот Штип.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ