Штипската Гимназија додели благодарници на учениците со постигнувања во изминатава година

Штипските гимназијалци во текот на целата учебна година собираа први, втори и трети места на натпревари, а денеска училиштето го вреднуваше нивниот успех со доделување благодарници. Директорот, Марјан Арсов, вели дека ова е еден од начините за афирмација на училиштето, како и благодарност до самите ученици за сето она што го постигнале во име на Гимназијата.

„Во оваа наставна година многу од овие ученици коишто се тука, дел од нив се отсутни, беа на многу општински, регионални и државни натпревари во многу области и предмети и освоија значајни награди и постигнувања, први, втори и трети места и им посакувам многу успеси во следната учебна година. Тие се наши сегашни и идни амбасадори“, истакна директорот, Марјан Арсов.

Наградените ученици постигнале резултати во областа на природните науки, литературата, јазиците, информатиката, ликовната уметност и друго, а за нив ова е мотивација и поттик и во текот на следните учебни години да се покажат во најдобро светло, со што ќе го претстават и своето училиште, Гимназијата „Славчо Стојменски“.

Менторите се горди на своите ученици. Професорката Станка Арсовска посочува дека периодот пред секој натпревар е предизвик, а учеството на истиот големо искуство. Кога сето тоа се вреднува со награда, претставува голем успех.

„Прво е предизвик, поради тоа што пред да учествуваме на кој било натпревар, ние како ментори заедно со учениците посветуваме особено внимание на сѐ она што ги следува во таквите натпревари, ги подготвуваме за подоцна сето тоа да вроди со плод, со резултат. Гордоста и среќата е неизбежна кога таквите награди доаѓаат кај нашите ученици, а кога тие ги добиваат наградите, ги добиваме и ние“, истакна Станка Арсовска, професорка во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип.

Во текот на изминатава година учениците од штипската Гимназија учествувале и во низа работилници и проекти, а имале посета на лаборатории, музеи, изложби, дел биле и од еколошки акции.

Ребека Спасова М-Нет