ШКЛ 2022 свечено ќе се отвори во среда, 11 настани во јули се дел од богатата програма

Богата програма ќе понуди 37. издание на Штипско културно лето во градот под Исарот. Најстарата манифестација свечено ќе биде отворена на 6 јули, а ќе трае до 27. месецов. Од 11 разновидни настани во кои штипјани ќе може да уживаат во текот на месец јули, првите два се наменети за свеченото отворање.

„Свеченото отворање е на 6 јули (среда) на култниот простор во дворот на храмот ,Успение на Пресвета Богородица’, за првпат се реализира ваков настан на овој простор со концерт на престижниот хор ,Св. Злата Мегленска’. На денот на свеченото отворање еден час по овој концерт ќе биде реализиран и концерт на ФИЦ Студени нозе во летната бавча во ОУК Дом на млади“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Манифестацијата годинава ќе биде од интернационален карактер со уметници од САД, а Општината ќе го поддржи музичкиот хепенинг на туристичкиот локалитет „Вртешка“. Уште низа настани ќе се одржат на повеќе локации во градот меѓу кои Домот на млади, Уметничката галерија „Безистен“ и ОМЦ „Киро Глигоров“.

„Оваа година ни гостуваат уметници од САД. И годинава го поддржуваме музичкиот хепенинг на туристичкиот локалитет ,Вртешка’ во организација на ДПС Лисец преку концерт на групата ,Некст тајм’. За љубителите на опера и сериозната музика е концертот на триото Давид Миладинов, Илија Белистојановски и Марија Јаневска, кој е во Домот на млади, а по кој ќе следува концертот со гитара на Александар Бошков. Ликовната уметност е застапена со изложба на нашата штипјанка Сара Петров во ОМЦ ,Киро Глигоров’“, додаде Јорданов.

Последен во низата настани ќе биде промоција на монографија, а летото ќе се затвори со промоција на краткометражни етнолошки филмови во организација на НУ Завод и Музеј Штип. Иако првично беа објавени цени за влезници, сепак влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

Во досегашните 36 изданија на Штипско културно лето учество зедоа над 1500 уметници со во разновидни мултимедијални програми. За целокупната манифестација годинава Општината ќе издвои половина милион денари.

Ребека Спасова М-Нет