
Антонио Паунов ја пополни директорската позиција во кочанското комунално претпријатие „Водовод“. На директорската фотелја седнува по оставката на претходниот директор, Иван Иванов, на кого на примопредавањето му се заблагодари за советите и потенцираше дека ќе работи за добро на претпријатието и бенефит на граѓаните на Кочани.
„Голем дел од мојот работен ангажман ги имам поминато надвор од Кочани. Користејќи ги искуствата настрана, моја желба беше да ги искористам и во мојот град. Му се заблагодарувам на градоначалникот за довербата и на претходниот раководител за исклучително вредните совети. Се надевам дека ќе работиме заедно“, истакна Паунов.
Претходниот директор, Иван Иванов, сам си поднесе оставка уште минатата недела и од први јули замина на работа во приватниот сектор. Тој на новиот директор му ги посочи предизвиците со кои ќе се соочи во текот на работата и му посака успешна работа.
„Вршиме примопредавање на функцијата директор. Во кратко му ги преточив моите видувања за предизвичите со кои се соочува јавното претпријатие и со коишто ќе се соочи во иднина. Во најголем дел тоа е проблемот со цената на електричната енергија. Сакам да му посакам многу успех“, порача Иванов.
Инаку, Иван Иванов како внатрешно решение на директорската фотелја седна на први декември и на функцијата беше шест месеца. Новиот директор, Антонио Паунов, пак, по професија е машински инженер со завршени „Шефилд студии“ во Солун. Работел во повеќе држави низ светот, а бил вработен како комунален инспектор во Општина Ѓорче Петров во Скопје.