
Фудбалскиот клуб Шкендија објави дека средниот играч Флорент Рамадани и напаѓачот Фитон Адеми нема да бидат дел од тимот во продолжението на сезоната, откако по сопствено барање и со заедничка согласност со клубот биле раскинати нивните договори.
Клубот изрази разбирање за желбата на двата фудбалери да најдат нови предизвици каде што ќе добиваат повеќе минути на теренот, и одлучи да им овозможи да продолжат со кариерата во друга средина.
Рамадани, 25-годишен играч, беше столб на средината на теренот во првиот тим на Шкендија во последните шест сезони, со вкупно 145 официјални настапи во различни конкуренции, вклучувајќи првенство, Куп на Македонија и европски натпреварувања, и запише 20 голови.
Адеми, 23-годишен напаѓач, во три сезони со „црвено-црните“ забележа 70 официјални настапи и реализира 17 голови, даде значаен придонес во офанзивата на тимот.
Клубот им се заблагодари на двата фудбалери за нивниот професионализам, залагање и придонес во успехот и им посака многу среќа и успеси во нивните идни предизвици.