Шкендија на крилата на Икмете Лимани до опстанок во ПЖФЛ, Атлетико останува второлигаш!

Шкендија преку бараж обезбеди опстанок во Првата женска фудбалска лига на крилата на 19-годишната кумановка Икмете Лимани, откако во баражот со 2:1 беше подобра од екипата на Атлетико од Битола, која останува второлигаш.

Со овој натпревар беше пополнето последното место во Првата женска фудбалска лига, која од следната година ќе брои 10 екипи, наместо 12 како што беше во сезоната која вчера и официјално заврши со бараж натпреварот.

Шкендија заврши на деветтото место на табелата и играше бараж со второлигашот Атлетико од Битола, кој заврши на второто место на табелата.

Резултатот беше отворен во 14. минута од мечот, кога Икмете Лимани ја стресе мрежата на Мартина Сиљаноска за 1:0. Шест минути подоцна Боби Величков покажа на белата точка за тетовчанки, одговорноста ја презеде Лимани, која од белата точка успешно реализираше за 2:0 и двојна предност за Шкендија.

Пред крајот на првиот дел, 16-годишната Мелиса Милица Димитроска постигна гол за 2:1 на полувреме, а тоа донесе неизвеност во вториот дел од мечот.

Во второто полувреме битолчанки се обидуваа да стигнат до нов погодок и со тоа да го израмнат резултатот, но Шкендија мудро го чуваше резултатот и креираше шанси за трет гол. Сепак, мрежите беа чисти во вторите 45 минути.

Во финишот од мечот судијата Величков подели три црвени картони и неколку жолти. Жолт и црвен картон заработи и шефот на стручниот штаб на Атлетико, Никола Гелевски, црвен картон за неспортско однесување. Претходно, во 90. минута Леонора Велкоска заработи директен црвен картон поради неспортско однесување, а беше исклучена и Влора Зибери од Шкендија поради добиен директен црвен картон за неспортско однесување.

Конечниот исход беше 2:1 за Шкендија и опстанок во „елитата“ на Македонија, а Атлетико останува второлигаш и во следната сезона.