Шкендија во 100. минута прими гол – Јагелонија се спаси од пораз во Скопје, шампионот инкасираше 133.000 евра!

Македонскиот шампион Шкендија беше на прагот да запише втора победа во Конференциската лига на УЕФА, но прими гол во 100. минута со што Јагелонија од Полска се спаси од пораз во Скопје, откако двете екипи ремизираа играјќи 1:1.

На арената „Тодор Проески“ во Скопје во првиот дел мрежите мируваа на двете страни. Во вториот дел Шкендија го отвори резултатот за водство од 1:0 со гол во 49. минута на Лиридон Љафити по одлично изведениот корнер на Роналдо Вебстер.

Во финишот на мечот кога сите мислеа дека трите бодови ќе останат во Скопје, сепак Лозано во последните секунди постигна гол за конечни 1:1 и делба на бодовите.

По три кола тетовскиот клуб има четири бодови, а против Дрита ќе го бараат вториот европски триумф на гостински терен.

Од ремито на Шкендија со Јагелонија бефенит има клубот, но и македонскиот фудбал, бидејќи во клупската каса на тетовскиот клуб влегоа 133.000 евра за бод со полскиот тим, а притоа се зголеми коефициентот на македонскиот шампионат, кој е на 47 место, а за да имаме напредок од една позиција, ќе биде потребно Шкендија да запише една европска победа, или пак да има две ремија на следните три натпревари.

Александар Ванев, М-Нет