Шкендија бара правда, спонзорот се заканува со повлекување

Тетовска Шкендија се најде во центарот на вниманието откако нејзиниот спонзор јавно реагираше на последната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), оценувајќи ја како скандалозна и штетна за клубот.
Во соопштението се нагласува дека Шкендија е еден од ретките клубови во земјата кој со години функционира сериозно, професионално и во целосна согласност со спортските и финансиските обврски. Од клубот потсетуваат дека зад успесите стојат големи вложувања, труд и жртви, а посебно го истакнуваат придонесот на Шкендија во европските натпреварувања.
Според нив, токму успешните настапи на клубот на европската сцена придонеле за зголемување на коефициентот на македонскиот фудбал, од што корист имаат сите домашни клубови. Благодарение на тој напредок, Македонија од следната сезона ќе има дополнително место во европските купови.
Од спонзорскиот табор сметаат дека е недозволиво еден сериозен проект да биде оштетен со одлуки донесени „на маса“, оценувајќи дека наместо признание за придонесот, клубот добива неправеден удар.
Во реакцијата се наведува и дека ваквиот однос може да доведе до преиспитување на понатамошниот ангажман во македонскиот фудбал. Спонзорот отворено предупредува дека, доколку ФФМ не ја повлече спорната одлука, сериозно ќе ја разгледа можноста за повлекување од клубот и од фудбалските активности во земјата.
На крајот од соопштението се упатува повик до надлежните органи на ФФМ итно да ја преиспитаат својата одлука, со цел да се заштитат принципите на спортската правда, интересите на клубот и иднината на македонскиот фудбал.