Шкендија Арачиново ја доби предностна лидерот Куманово и сака Втора лига, Еуромилк ГЛ пресилен!

Викендот се одиграа натпреварите од 17. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, а дербито на колото се одигра на теренот на Фортуна каде гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет спорт имаа ексклузивна можност во живо да го проследат дербито на колото меѓу второпласираната Шкендија од Арачиново и лидерот Куманово.

Дерби меч каде домашниот тим забележа висока победа од 3:0 со што ја стопи бодовната предност на директниот конкурент Куманово на само еден бод и сериозно напаѓа за баражот кој води во Втора лига.

Вистинско фудбалско дерби какво што нема ниту во Првата македонска фудбалска лига. Трибината беше премала за да може да ги собере сите навивачи и љубители на фудбалот, па многумина се снаоѓаа на разни начини како да пристапат да го следат натпреварот на теренот на Фортуна, дерби меч на кој имаше повеќе од 2.000 присутни навивачи.

Шуајб Алити беше двоен стрелец за Шкендија, откако најпрво во 23. минута погоди за 1:0 на полувреме, а на стартот од вториот дел постигна гол за 2:0 со што Шкендија влезе релаксирано во финишот од мечот, а притисокот беше кај Куманово. Во 82. минута Елмир Алији постигна гол за конечните и убедливи 3:0.

БВК Коњаре со минимални 1:0 го доби дербито со Фортуна, некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ со 6:0 го декласираше Бутел, Аеродром славеше над Риниа со 3:2, Петровец го доби дербито од дното против „фенерџијата“ ССК нова со 3:2, ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево со 1:0 го доби дуелот со Беса Влазрими, а Башкими Љуботен и Кадино ремизираа без голови.

Куманово е лидер на табелата со 43 бодови, Шкендија Арачиново е втора со 42 бодови, на третоот место е Еуромилк со 39 бодови, Фортуна е четврта со 35 бодови, БВК Коњаре е на 5. место со 33 бодови, а пак Кадино е шести со 27 бодови. На седмото место е Беса Влазрими со 26 бодови, Пехчево е осми со 19 бодови, колку што има и Башкими Љуботен кој место подолу, Аеродром е на 11-тото место со девет бодови, Бутел е претпоследен со осум бодови, а пак на дното е ССК Нова без бодови.

Александар Ванев, М-Нет