
Кошаркарите на Кожув стигнаа до вториот триумф во третото коло од Суперлигата. На гостувањето во Штип, екипата од Гевгелија славеше против ГКК Штип со 85:77, во натпревар во кој домаќините долго време беа рамноправен противник, но гостите го презедоа контролата во второто полувреме и успеаја да ја зачуваат предноста во неизвесната завршница.
Првото полувреме донесе изедначена игра и чести промени на водството. Кожув подобро го отвори натпреварот, па по пет минути игра, предводен од расположениот Бојчев, поведе со 14:7. Домашниот состав брзо одговори и успеа да ја анулира негативата, па првата четвртина заврши нерешено, 19:19.
Слична слика имаше и во вториот период. Штипјани поведоа со 25:19, но гостите одговорија со серија од осум поени за пресврт и водство од 27:25. Кожув повторно се одвои на 35:31, по што домаќините возвратија со нов налет и ја презедоа предноста. На паузата ГКК Штип замина со минимално водство од 40:39.
Клучниот момент се случи во третата четвртина, кога Кожув ја презеде иницијативата. По изедначените 51:50 на средината од периодот, гостинскиот состав направи серија од 12:1 и се одлепи на убедливи 63:52. Гевгеличани го задржаа темпото до крајот на четвртината, во која влегоа со предност од 65:57.
Сепак, ГКК Штип не се предаде. Во последните десет минути домашните кошаркари постепено ја намалуваа негативата, а на минута и 50 секунди до крајот се доближија на само четири поени (72:76). По тројката на Димчевски, во последната минута резултатот беше 75:78, со што неизвесноста повторно се врати.
Но, Кожув имаше одговор во вистински момент. Армстронг погоди за 80:75, а Бурис и Бојчев во завршницата ставија точка на натпреварот и го потврдија вториот сезонски триумф на гевгеличани.
Првото име во победничкиот состав беше Бојчев, кој одигра одличен натпревар и постигна 31 поен, дополнети со три асистенции и еден скок. Бурис го заврши дуелот со 22 поени и осум скока, Симиќ забележа „дабл-дабл“ учинок од 15 поени и 10 скока, додека Армстронг придонесе со 13 поени, пет скока и пет асистенции.
Кај ГКК Штип, Хамилтон беше најефикасен со 22 поени. Ѓорѓевиќ, кој е нов член на домашниот состав, запиша 17 поени и осум скока, Димчевски постигна 16 поени, а Пал оствари „дабл-дабл“ со 14 поени и 10 скока.
За ГКК Штип ова беше трет пораз на почетокот од сезоната, додека Кожув продолжува со позитивниот ритам и ја забележа втората победа во три одиграни натпревари. (КФМ)