
Парите од самопридонесот ќе бидат искористени за изградба на два нови резервоари, наместо реконструкција на старата водоводна мрежа. Ова како решение го налага новонастаната ситуација. Референдум нема да се распише заедно со парламентарните избори, истакна денеска градоначалникот Иван Јорданов. Причината е што согласно Законот референдум е предвидено да се организира во недела, а овие избори во април и мај се организираат во среда. Посочува дека заради тоа невозможно е на 24 април и 8 мај, штипјани да се изјаснат за тоа како да се трошат парите од самопридонесот.
„Средствата од самопридонесот без да се распише референдум ќе може да се искористат за изградба на резервоари, а ние дополнително како Локална самоуправа ќе одвоиме средства за главните водоводни линии, за застарената водоводна мрежа и честите дефекти. Овде не ја исклучуваме можноста најдеме друг дополнителен извор на финансирање кој ќе биде искористен во насока на промена на застарената водоводна мрежа“ – вели Јорданов.
Изградбата на новите резервоари за високите зони, ќе го реше проблемот со водата за пиење особено во населбите кои се во повисоките делови на Штип. Јорданов посочува дека постапката за искористуваање на парите од самопридонесот ќе започне веднаш по завршувањето на изборите. Дополнително околу четири до пет милиони евра ќе бидат неопходни за замена на старите цевки. Овие пари, општината ќе ги бара од европските фондови.
„Некаде околу четири до пет милиони евра се неопходни за промена на критичните точки каде има дефекти, кои се азбесно цементни. Но, освен овие средства планот и целта е да се направи и еден скада систем со кој ќе се контролираат загубите на вода кои ЈП ги има, а се огромни, некаде околу 60%. “ – додава Јорданов.
Инаку парите од самопридонесот, кои ги имаат собрано штипјани се во висина од околу еден милион евра и си стојат на посебна сметка. Досега имаше два неуспешни референдуми за нивно искористување.
Лаура Стојанова М-Нет