Шкендија Арачиново е шампион во Трета лига – Север, тимот се подготвува за баражот за Втора лига!

На пет кола до крајот екипата на Шкендија Арачиново стана шампион во Трета лига – Север и со тоа се стекнува со право преку баражот да бара пласман во Втората фудбалска лига, што е прва и главна цел на тимот од Арачиново.

Екипата на Шкендија Арачиново во рамки на 21. коло на Трета лига – Север со 2:0 го доби тимот на Фортуна и така стана шампион на пет кола до крајот и математички.

Тимот има 19 победи, едно реми и само еден пораз и има собрано 58 бодови, а пак Фортуна која е втора има 39 бодови и тоа кажува дека тимот од Арачиново доминирал тековната сезона. Шкендија има и одлична гол разлика од 81 постигнат гол со што го има најдобриот напад, а има примено само четири погодоци, со што ја има најдобрата одбрана во лигата.

Претходно и Слога Виница стана шампион во Трета лига – Исток, пред потврда за шампионска титула е Преспа во Трета лига – Југозапад и Тетекс во Трета лига – Запад. Екипата на Големо Коњари има солидна предност и оди кон тоа да стане шампион во Трета лига – Југ, а пак Осогово е пред потврда на баражот за опстанок во Втора лига и со тоа ќе ги имаме сите екипи и многу веројатно овие екипи ќе бидат во баражот за Втората фудбалска лига.

Александар Ванев, М-Нет