Шкендија Арачиново гази се пред себе! Три бода за БВК Коњаре, Еуромилк ГЛ со пенал го доби Аеродром!

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Четвртото коло од Трета лига – Север донесе победи за фаворитите, кои одиграаа според планот.

Поранешниот второлигаш Кадино на домашен терен загуби од БВК Коњаре каде гостинот забележа победа од 1:2. Шакири и Бишевац беа стрелци за 0:2 на полувреме, а во вториот дел Николовски погоди за конечните 1:2 со што трите бодови одат на контото на фаворитот.

Шкендија Арачиново гази се пред себе и нижи само победи, а овој пат победа од 0:3 прокнижи против новиот третолигаш Пчиња во Старо Нагоричане. Еркан Шаип во 16. минута погоди за 0:1 на полувреме, а во вториот дел Дарио Десниќ во 60. минута зголеми на 0:2, додека пак Џавид Мамути погоди во 90. минута за конечни 0:3.

Риниа на домашен терен се соочи со Њу Старс каде забележа победа во натпревар со пет погодоци односно 3:2. Марко Киш си постигна автогол, а со тоа Риниа имаше почетна предност, а во финишот на првиот дел Киш даде гол за 1:1. Во второто полувреме гостинот преку Петревски дојде и до водство од 1:2, но во финишот на мечот Риниа преку Исмаили и Таири дојде до победа преку пресврт од 3:2.

Башкими Љуботен на домашен терен ремизираше со шампионот Куманово, играјќи 1:1. Во првиот дел мрежите мируваа, а во второто полувреме Нусрет Курти во 52. минута погоди за 1:0, а во 80. минута Кристијан Златковски постигна гол за конечни 1:1.

Поранешниот прволигаш Еуромилк ГЛ на домашен терен како фаворит го пречека Аеродром, во меч каде домаќинот само со минимални 1:0 славеше со голот на Томче Павловски во 38. минута и тоа од пенал. Фаворитот потешко од очекуваното дојде до победата, а Аеродром беше во можност да направи изненадување до крајот на мечот.

Фортуна играше со Академија Илинден каде Орхан Мифтари беше играч на натпреварот, откако практично сам го победи противникот со четирите погодоци кој ги постигна, а со тоа Фортуна триумфираше со 4:1, а за гостинот погоди само Енсар Сулемани.

Беса Влазрими ги одмери силите со Ржаничино каде однесе победа од 3:0 со погодоците на Демири и Ајдини за 2:0 на полуреме и Фетаи во вториот дел за конечни 3:0.