Шаховскиот клуб Каменица Саса од Македонска Каменица обезбеди влез во Втората шаховска лига на Македонија

Шаховскиот клуб Каменица Саса од Македонска Каменица направи голем успех, откако клубот по неговото основање во 2018 година обезбеди влез во Втората шаховска лига на Македонија.

Шаховскиот клуб Каменица Саса е формиран како продолжение на шаховскиот клуб Саса кој пред 35 години имаше значајна улога во македонсиот шах. Пласманот во Втората лига за шаховскиот клуб Каменица Саса е потврда за успешната работа на клубот, а малото рударско гратче се вбројува меѓу најспортските градови во Македонија, на што може да позавидуваат и многу поголеми градови, кои немаат толку активни спортски клубови во речиси сите спортови.

Во моментот клубот со четири свои млади натперварувачи учествува на Државното првенство за млади категории што се одржува во Струмица.

Претседателот на клубот, Лазо Стаменковски истакна дека е горд на успесите и значењето на овие резултати за сите љубители на шахот во градот.

Претходно, седум шахисти учествуаат на силен Меѓународен турнир „Играме шах за Кочани“, кој имаше хуманитарен карактер и сите собрани средства беа донирани за настраданите во големата трагедија од кочанската дискотека.

Лазо Стаменковски имаше одличен настап освојувајќи 6 поени од девет партии што му донесе делба на 11-тото место, но и медал за најдобар шахист со рејтинг под 1900.

Втората индивидуална награда ја доби Санде Ивановски, кој доби признание за најстар шахист со најмногу освоени поени, што е потврда дека шахот не познава граници, дека шахот е наменет за секого, а притоа шаховскиот клуб Каменица Саса ќе има значајна улога во македонскиот шах.

Александар Ванев, М-Нет