Шаран: Поморот на риби во Калиманското езеро летово бил заради присуство на многу силен отров

Поморот на риби во Калиманско езеро е резултат на присуството на многу силен отров, цијанид. Од спортско риболовното друштво Шаран од Македонска Каменица известуваат дека по преземени мерки и активности од надлежните институции, поморот на риби на 6 август годинава е заради присуств на силен отров.

Во примероците од угинатите риби во самото ткиво откриено е присуство на тешки метали – Жива, Кадмиум, Олово, Арсен и Цинк, во водата на вливот на Каменичка река во езерото Калиманци откриено е енормно присуство на Манган (50 пати над дозволеното), Кадмиум, суспендирани материи (4 пати над дозволеното), Амонијак (53 пати над дозволеното), Нитрити ( 8 пати над дозволеното), Олово, Цинк и Бакар, додека во водата на Каменичка река во горното течение, под тунелот на јаловиштето, и на самиот влив во Калиманско езеро е откриено зголемено присуство на ЦИЈАНИД.- велат од риболовното здружение.

Од таму додаваат дека во периодот кој следува ќе превземат одредени мерки со кои ќе бараат да се идентификува сторителот и истиот да биде најстрого санкциониран и казнет.

Согласно чл.39 од Законот за животна средина, од здружението велат ќе бараат податоците од мониторингот да бидат доставени до меѓународни организации и тела согласно меѓународните договори кои ги има ратификувано Р. Македонија.

Додаваат дека ваквите активности се преземаат со цел заштита на животот и здравјето на луѓето на Општина Македонска Каменица.

Лаура Стојанова М-Нет