Шампионскиот пехар во сабота ќе „долета“ на „Градски“ во Штип со директен пренос на Мнет ТВ и на каналот Мнет Спорт

Во сабота на 15 мај оваа година ќе се одиграат натпреварите од последното 27 коло во рамките на Втората Македонска фудбалска лига. На градскиот стадион во Штип ќе се случува вистинска празнична атмосфера, во кој најпрвин фудбалскиот дел ќе го зачинат шампионот Брегалница и второпласираниот тим на второлигашката табела, Тиквеш од Кавадарци. Брегалница од следната сезона ќе настапува во Прва лига по пауза од четири сезона а Тиквеш ќе си ја побара среќата во одигрување на бараж натпревар со противник кој сеуште е енигма. Вториот дел од саботниот ден ќе го краси победничкото славје на раководството, стручниот штаб и на играчите на Брегалница кога од рацете на преставник на ФФМ на капитенот на Брегалница Ристе Наумов ќе му биде доделен шампионскиот пехар. За жал и овој пат ќе недостасуваат армијата навивачи на Брегалница, Фалангата, Ултра Банда кои отсекогаш го краселе градски со неизбежниот фудбалски декор, со громогласното скандирање ставајќи се во улога на дванаесеттиот играч на Брегалница. За таа цел на „градски“ ќе биде екипата на Мнет ТВ која на нашата програма како и на каналот Мнет Спорт ќе врши директен пренос од овој празничен фудбалски спектакл. Натпреварот Брегалница – Тиквеш ќе се одигра на градскиот стадион во Штип во сабота 15 мај со почеток во 16.00 часот без присуство на публика.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk