„Четрсе“ – нематеријално богатство, вековита традиција и обележје на штипјани

Штипскиот обичај Четрсе, влезен дури и во листата на светско нематеријално наследство на УНЕСКО, значи живост и одржливост на традицијата. Штипјани непрестано ги практикуваат обичаите врзани за овој ден и ја зачувуваат автентичноста, чиј печат е врежан во фразата „градот под Исарот“. Иако дел од нив се заборавени, дел се’ уште се практикуваат. Каменчињата, ракувањето и се’ она во знак на бројот 40 останува во чествувањето, особено на жителите од Исарското маало.

„Конкретно обичајот што се изведува во нашиот град е на овој ден од раните утрински часови да се качуваат на Исарот. Обичај е да се фрлаат 39 каменчиња од онаа страна свртена кон реката Брегалница, додека за 40. каменче се верува дека ако се стави под перница, младите ќе го сонуваат својот иден сопатник. Меѓутоа, постојат и други верувања, во последно време се поздравуваат со 39, а со 40. човек се бакнуваат“, вели Бети Иванова, Виш кустос, етнолог во НУ Завод и Музеј – Штип.

Корените на ова живо културно наследство се и од верско и од историско значење, кое на крај прераснува во обележје на граѓаните на Штип. Според Иванова, влегувањето во книгата на УНЕСКО, пак, го покажува признавањето на еден народ и неговите обичаи.

„Овој обичај има религиозен аспект и тој се вовел уште од 320 година од новата ера кога во Севастија биле каменувани, односно казнети 40 млади римски војници, па ова се смета дека е вовед во религиозното чествување на празникот. Организираното празнување, пак, води корени малку подоцна, од владеењето на Римската Империја, кога на Исарот се качувало и муслиманско и христијанско население. Во минатото на самата тврдина се одржувале и пеливанските борби коишто се познати во овој крај“, објаснува Иванова.

Изминативе две години пандемијата го паузираше одбележувањето, често и временските неприлики се пречка штипјани масовно да чествуваат. Сепак, обичајот не останува заборавен, туку се пренесува од колено на колено и останува практика на секој 22 март.

Ребека Спасова М-Нет