Доделена наградата „д-р Марија и Емилија Кукубајски“, промовирана книгата „Коронизација“

Промовирана книгата „Коронизација“ од авторката Марија Емилија Кукубајска. Тематиката на книгата се анализи и размислувања, препрет на монолози и дијалози на авторката за време на изминативе две пандемиски години. Во обид да се најде начин за менаџирање и справување со кризата, авторката дошла до основната водилка – надежта.

„Сето тоа во пет дела од книгата, во различни стилови, во проза, мини – есеи и стихови резултираше во „Коронизација“, како што е насловот на книгата. Таа е против колонизирањето на болеста, на пандемијата. Главната цел на крајот од книгата е надеж, надеж дека се ќе биде подобро, како што низ историјата на човештвото секогаш имало и болести и војни“, истакна авторката.

На настанот традицонално по третпат беше доделена меморијалната награда „д-р Марија и Емилија Кукубајски“, која ја доделува Институтот ЕМАРИ и која всушност е награда за минатата година, но поради условите се доделува сега.

„Оваа година, всушност минатата година, наградата му припадна на проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс за неговите врвни археолошки истражувања на античка Македонија, на наша територија – денешна Македонија, со сите траги коишто повеќе се закопани одошто се изнесени во материјалното и културното богатство на нашата земја“, додава Кукубајска.

Ова е 24. авторска книга на Кукубајска, а зад себе има уште толку антологии, преводи и избори. Меморијалната награда, пак, по првпат беше доделена во 2019 година на двајца студенти на медицина, Александар Лонгуров и Стефан Коцев, а во 2020 година ја доби Вело Марковски.

Ребека Спасова М-Нет