Четврта година по ред во Штип ќе се одржи Меѓународниот фестивал на млади музичари

Меѓународниот фестивал на млади музичари со натпреварувачки карактер „Сергеј Михајлов“ и годинава ќе се одржи во Штип. Натпреварот е во организација на Здружението за култура, уметност и наука „Уметност за сите“ – Штип и ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, а ќе се одржи во периодот од 11 до 18 мај. Подготовките се во полн ек.

„Благодарение на големата поддршка од колегите и целиот организационен тим кој работи на овој проект, составен од претседателот, м-р Филип Стевановски, и членовите, м-р Елена Мирасчиева, м-р Славче Величков, Зоран Настов и Ангела Аревска, сè фунционира во најдобар ред и веќе сме при крај со подготовките. Натпреварот ќе се одржи од 11 до 18 мај, во нашиот град, на повеќе локации, во Домот на културата, Безистенот, Домот на млади, Музичката академија на УГД и во нашето училиште“, вели директорот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, Горан Кавраков.

Годинава Меѓународниот фестивал бележи рекордна бројка на учесници, што е причина истиот да се одржи на повеќе локации во градот под Исарот. На натпреварот ќе бидат застапени дисциплините класична музика, традициски инструменти и состави, поп и џез музика, како и теориските предмети, а на крајот ќе се одржи и завршен концерт.

„Оваа година имаме над 600 натпреварувачи, што, навистина, е една голема бројка која досега не сме ја имале и затоа се раширивме низ целиот град во повеќе сали. Целиот натпревар се одржува истовремено, има учесници од над десет земји, тука е целиот регион, Германија… Со тоа самиот натпревар добива меѓународна класификација. Од сите учесници коишто ќе се натпреваруваат и ќе освојат 100 бода, на завршниот концерт, којшто ќе се одржи на 18 мај (среда), во Безистенот, ќе се избира гранд при во секоја дисциплина на Фестивалот“, вели Филип Стевановски, Здружение „Уметност за сите“ – Штип.

Ова е четврта година по ред во која се одржува ваквиот Меѓународен фестивал на млади музичари. Годинава ќе се одржи комбинирано, и „онлајн“ и со физичко присуство, а за најдобрите ќе одлучува Комисија составена од реномирани професори од земјава и странство, меѓу кои најмал број се од Музичкото училиште.

Ребека Спасова М-Нет