
Во притвор остануваат четворицата обвинети за убиството на турски државјанин на плоштадот во Штип.
Во штипскиот Апелациски суд денеска со силно полициско обезбедување беа спроведени обвинетите за убиството на турскиот државјанин на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. Обвинитети се донесени во судот, кој постапувал по жалба на обвинитети за мерката притвор. Од Апелациониот суд во Штип потврдуваат дека жалбата е разгледана и на обвинетите им продолжува мерката притвор.Инаку на 27 ноември во 9.30 во Основниот суд во Штип е закажано судење на обвинетиот турски државјанин, кој го извршил убиството и за лицата кои му помагале во извршивувањето и обидот за бегство. На 4 октомври од страна на Основното јавно обвинителство-Штип беше поднесен обвинение. Во него пишува дека по спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт за петмина турски државјани инволвирани во убиството на турски државјанин во мај годинава.
„Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело – Убиство од член 123 став 1, како и за неовластено држење на оружјето со кое било извршено убиството. Тројца од обвинетите му помогнале да го изврши кривичното дело и ќе одговараат за убиство во врска со членот 24, додека една обвинета се товари за помагање на сторителот по извршување на тешкото кривично дело. Првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал,“ – се вели во соопштението од ОЈО на 4 октомври.
Во него се наведува дека тројца обвинети, иако знаеле и биле свесни за неговите намери да го лиши од живот оштетениот, му обезбедиле логистичка поддршка за извршување на делото.
За четворица обвинети јавниот обвинител на 4 октомври има побарано да биде продолжена мерката притвор, додека за петтата обвинета на сила се претходно определени мерки на претпазливост.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет