Десетина вработени во УЈП приведени за случајот со пожарот во дискотеката Пулс во Кочаи

Приведени се десетина вработени во УЈП поврзани со случајот во дискотеката Пулс во Кочани. Како што истакна јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, станува збор за лица кои ја злоупотребиле службената положба и овластување и примале мито.Се врши и претрес на одредени локации поврзани со делата.

„Во текот на минатиот ден и денеска се преземаат одредени дејствија. Денеска се приведени нешто помалку, околу десетина лица и во моментот се вршат претреси на одредени локации“ – вели Коцевски.

Надлежно за овој предмет е кочанското Јавно обвинителство. Доколку има потреба понатаму ќе биде префрлено во организиран криминал и корупција. Од полицијата истакнаа дека активности се преземаат на неколку локации во низ државата.

Полициски службеници од СВР Штип, ОВР Кочани во соработка со Одделот за криминалистичка полиција по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно известена“, соопшти МВР.

Инаку, вчера започна судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, но овие две дела нема да бидат поврзани.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет