Четворица млади таленти добија вредносни ваучери од по 15.000 денари од УГД – Штип

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ додели признанија и вредносни ваучери од 15.000 денари на четворица млади таленти. Пијанистката, Ивана Мазнејкова, штипскиот Питагора, Дамјан Давков, математичарот, Амир Дестанов, и младиот пливач, Марко Пејчиновски, се најуспешните чии амбиции и успеси Универзитетот одлучи да ги награди. За нив наградите се дополнителен поттик за понатамошни достигнувања.


„Ми претставува особена чест да сум добитник на ова признание, кое го доделува Универзитетот „Гоце Делчев“. Признанието за мене е поттик кон понатамошни достигнувања во пијанизмот, но и го зајакнува односот со институциите коишто се грижат за образованието на младите“, истакна Мазнејкова.


„Оваа награда за мене претставува екстра мотивација да продолжувам и понатаму да тренирам со своите потези“, истакна Пејчиновски.

Според ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, со овој потег талентираните млади се стимулираат и мотивираат, а исто така им се дава континуирана поддршка во нивниот понатамошен развој, во областите во кои се најдобри. Исто така УГД ја покажува својата општествена одговорност.

„Ние за првпат воведовме една активност за идентификување на млади таленти и нивна промоција. Сакаме да ги поддржиме во нивниот развој. Тука ги вклучуваме младите коишто се уште не се наши студенти, туку се истакнале во својата област“, истакна Мираковски.


Доделувањето на признанијата е дел од реализацијата на мерките за препознавање и следење на млади таленти во различни области, што Универзитетот го спроведува како иновација.

Ребека Спасова М-Нет